Истрагата за случајот на СЈО „Попис“, во кој осомничени се екс премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сѐ уште тече, односно во моментот се чека да се изготви економско финансиско вештачење.
Овој податок се открива од најновиот извештај на Специјалното јавно обвинителство.
„Во насока на утврдување на вкупниот износ на парични средства кои се издвоени од Буџетот на Р.Македонија за спроведување на попис на населението, домаќинствата и становите во Р. Македонија во 2011 година, ова јавно обвинителство на 25.01.2019 година донесе наредба за економско финансиско вештачење, кое се уште не е изготвено, стои во извештајот.
По изготвувањето на вештачењето, ќе биде познато дали СЈО ќе поднесе обвинение за овој случај, бидејќи ова е еден од доказите кој недостасува, а досега СЈО извршило распит на неколку сведоци. Потоа ќе следува и распит на Ахмети во СЈО.
Според прислушуваните разговори постои основано сомневање дека двајцата тогашни коалициони партнери во октомври 2011 ја злоупотребиле службената положба и овластување за да го прекинат започнатиот попис. Сепак доколку стапи на сила новото законско решение за овој случај „бомбите“ нема да можат да се користат како доказ, поради што постои опасност да не се докаже вината на Груевски и Ахмети.
Како што кажа обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи при отворањето на оваа истрага, осомничените во октомври 2011 година се договориле да ги одложат веќе започнатиот попис:
-Осомничените во половина од октомври се договориле да го стопираат процесот, бидејќи сметале дека пописот ќе им нанесе штета на партиските рејтинзи , но за да избегнат одговорност одлучиле образложението за прекинување на пописот преку медиумите да го презентираат како последица од техничка природа и наводна некадарност на пописната комисија да ја спроведе постапката. Парите предвидени за пописот, соомничените одлучиле да ги фрлат во вода со што го оштетиле буџетот за над 175 милиони денари, рече Фетаи.