Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денес во амбасадата на САД оствари средба со директорот на бирото за Јужна и Централна Европа во Стејт департментот ,Метју Палмер. Ахмети и гостинот од Вашингтон разговараа околу актуелната ситуација во земјата и регионот, околу предизвиците за новата реформска влада и процесот на интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ.
Ахмети го запозна Палмер со приоритетите на ДУИ во новата влада кои вклучуваат спроведување на реформите во областа на владеењето на правото, целосно спроведување на Охридскиот договор, непосредна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската унија, заедно со економскиот развој, подигање на животниот стандард и отворање на нови работни места.
Лидерот на ДУИ истакна дека е најпотребно што поскоро остварување на полноправно членство на Македонија во НАТО и дека ДУИ ќе ги вложи сите напори за да се постигне оваа цел. Секое одлагање во овој пат остава простор за проширување на странски идеологии, геополитички и геостратешки судир.
Ахмети ја посочи неговата целосна посветеност да се реализираат овие цели и ги повика САД и меѓународната заедница да ни помогнат во надминување на пречките кон нив.