Ахмети ја повика опозицијата да му се придружи на „заедничкиот успех“

by fokus

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, им се обрати на присутните во Клуб на пратенци каде се собраа сите партии кои ја поддржуваат кампањата за референдумот „Излези за европска Македонија“.

Ахмети потсети на последната анкета на ИРИ, која, како што рече, ја покажува волјата на граѓаните Македонија да им се придружи на евроатланските структури.

-Граѓаните и прогресивните сили во земјава се убедени дека интеграцијата во ЕУ и НАТО носи стабилност, мир, добри односи економски развој. Во оваа прилика ја поканувам и опозицијата да му се придружи на заедничкиот успех. Придобивка имаат граѓаните и државата, опозицијата, сите. Оние кои се двоумат и ги калкулираат нивни позиции заради дневно политички потреби да се надминат и да застанат заедно со прогресивните сили – рече Ахмети.

Нашата земја, додаде тој, се наоѓа пред клучни моменти. Ахмети ги повика граѓаните сплотени да гласаат за ЕУ и НАТО.

-Референдумот е за интеграција на Македонија, за едно подобро општество со целосно владеење на редот и законот, беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал. Токму денес сме пред заокружување на нашите дводецениски напори за интеграција на нашата земја онаму каде припаѓаме. На 30ти септември има само две опции за европска Македонија или против, убеден сум дека мнозинството граѓани, сите политички лидери, академската заедница и медиумите се за НАТО и ЕУ. Времето за лидерство е сега, нема место за калкулации и двоумења, сите треба да му се придружиме на победничкиот караван. Заедничката иднина е во наши раце. На 30 ја запечатуваме иднината на нас и нашите генерации – порача тој.

Поврзани новости