Иселеници во Канада на коктел ќе собираат пари за борба против референдумот

by Fokus

Светски Македонски Конгрес – Канада, Македонското меѓународно движење за човекови права, Обединети Македонци –Канада, и Андон Лазов Ќосето-Канада организираат донаторски коктел на кој ќе се собираат средства, кои ќе им биле доделени на невладини македонски организации, кои ќе го убедувале народот дека рефередумот треба да се бојкотира.

Како што информираат здруженијата од Канада, парите им биле потребни на организациите за логистика, јавни настапи и протести. Донаторскиот коктел ќе се одржел на 14 – ти септември во Македонска Православна Црква Свети Климент Охридски Торонто, а на гостите им следувале бесплатно македонско вино и закуски. Цената на влезниците изнесувала 20 долари.

-Драги Браќа и Сестри Македонци, драги пријатели на Македонија, 30-ти септември е судбоносен ден за Македонија, 30-ти септември е ден кога неуставната антимакедонска влада му наметнува незаконски референдум на Македонскиот народ со прашање за промена на името на државата и идентитетот на Македонската нација! Вакво прашање НЕ ЗАСЛУЖУВА ОДГОВОР! ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на Македонската нација! Македонската заедница во Канада цврсто верува дека наша должност како Македонци е да застанеме на браникот во одбраната на нашата земја и направиме се што е во нашите можности овој неуставен и незаконски референдум биде бојкотиран од мнозинството Македонци во Македонија и низ целиот свет. Денес, мрачните западни сили заедно со антимакедонската влада вложуваат огромни финансиски средства за про-референдумска пропаганда (перење на мозокот) се со цел овој референдум да биде успешен со кој сами ќе се избришеме од картата на светот како Македонска нација ! Наша задача и должност како Македонци на легален начин со бојкот го направиме овој референдум неуспешен и си го зачуваме името МАКЕДОНИЈА ! На невладините Македонски организации кои моментално работат на терен во Македонија да ја изнесат вистината пред народот дека овој неуставен и незаконски референдум мора да се Бојкотира им треба финансиска помош за логистика, јавни настапи и протести. Сите средства од овој донаторски банкет ќе бидат легално употребени овој неуставен и незаконски референдум биде масовно Бојкотиран и Неуспешен. Во ова историско и судбоносно време за Македонија ни треба огромна сплотеност и поддршка. Должност на секој Македонец/Македонка е да помогне во рамките на своите финансиски можности за спас на Мајка Македонија, ако не постои Македонија, не постоиме и ние како Македонци! – покрај останатото е наведено во поканата за настанот која ислениците ја споделуваат на социјалните мрежи.

Инаку, Канада, земјата од која нашите иселеници повикуваат на бојкот под образложение дека ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата е членка на НАТО.

Вики Клинчарова

Поврзани новости