Ова не беше средба за договарање, ова беше средба за честитање, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Како што рече Ахмети, тој и Мицкоски се договориле дека треба да продолжи комуникацијата меѓу нив, за како власт и опозиција, рече, да изградат заеднички позиции за напредок на Македонија.
Според Ахмети ВМРО-ДПМНЕ е заинтересирана за поддршка на реформските закони и сака да даде придонес за да бидат што е можно поуспешни.
-Имавме доста конструктивна средба, му честитав на избраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Разговаравме околу многу прашања кои ја засегаат Македонија, но и пошироко за регионот. Разменивме мислења на коснтруктивен начин во врска со евроатланските процеси и неопходните реформи. Разговаравме и околу политичката ситуација, интересот на двете наши партии е нашата државата да биде што е можно постабилна, да имаме напредок во правец на имплементирање на реформите, во интерес на мнозинството но и опозицијата. Да креираме позитивна клима за странски инвестиции но и доверба кај граѓаните дека може да се живее во оваа земја – рече првиот човек на ДУИ.
Меѓу темите за кои се разговарало се и градење довербата меѓу двете најголеми етнички заедници во Македонија како соработка меѓу партиите од мнозинството и опозицијата. По однос на прашањето за Законот за јазици, Ахмети рече дека двете партии имаат свои позиции.