Ахмети и „огнените“ далеку од договор, се спрема ли фракција во ДУИ?

Централно претседателство со над 30 члена и пролонгирање на отчетот на министрите за една недела - ова, како што дознава „Фокус“, била последната понуда на Ахмети за надминување на внатрепартиската криза, но тоа не е прифатливо за претставниците на „огнената група“.

by Фокус

Лидерот на ДУИ Али Ахмети и таканаречената „огнена група“, во пресрет на утрешната седница на партискиот генерален совет на кој треба да се избере централно претседателство, се далеку од комплетен договор за надминување на внатрепартиската криза.

Како што неофицијално дознава „Фокус“, на вчерашниот состанок во Мала Речица Ахмети дал предлог кој не бил прифатлив за припадниците на иницијативата за промени во начинот на функционирање на партијата, што вклучување повлекување на првиот вицепремиер Артан Груби и преиспитување на работата на другите министри на ДУИ.

Како што брифираат високи партиски извори, Ахмети предложил да се формира централно претседателство со над 30 луѓе, во кое би влегле поголем дел од експонентите на „огнената група“. Сепак, додаваат тие, тоа е неприфатливо за „огнените“, бидејќи, според нив, ќе се води неефикасна и непродуктивна дискусија.

Со над 30 членови, тоа не е претседателство, туку собрание, и со толку луѓе не може да се дебатира и одлучува. На таков начин, целта е да се разводни дебатата, на крај да бидеме надгласани и после Ахмети во рамки на потесно претседателство со неколку луѓе да ги носи одлуките – вели нашиот соговорник.

Според него, друг проблем е тоа што тие се залагале првиот вицепремиер Груби, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши и другите министри на ДУИ  уште утре да даде отчет, меѓутоа Ахмети побарал тоа да се пролонгира за една недела.

Сето тоа е со цел на дополнително да се купи време, да се умориме, но овојпат тоа нема да се случи. Решени сме да одиме до крај, па доколку остане на тоа од вчера и ако денес не се случи нешто, тогаш нема да има договор и ќе делуваме како фракција – вели претставник на „огнените“.

Инаку, на последниот партиски конгрес на ДУИ пред 3 години, Ахмети беше реизбран за партиски лидер и беше екипиран генерален совет,  но никогаш не беше избрано централно претседателство и не беа избрани секретар и потпретседатели.

Како што веќе објави „Фокус“,  после конгресот Ахмети им ветил две клучни партиски позиции на пратеникот и прв човек на чаирскиот огранок на ДУИ Изет Меџити и на градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, кои се фронтмени на иницијативата за промени, во која уште членуваат Невзат Бејта, Садула Дураки и други поранешни и сегашни функционери.

Исто така, на иста линија како со нив е и градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари, кој упати критики до власта и побара поголема гласност од Бектеши во врска со изградбата на градската болница и автопатот Кичево-Охрид, меѓутоа тој не се приклучува кон иницијативата, бидејќи, меѓу другото, не сака да биде во иста група со поранешниот вицепремиер и министер Муса Џафери

Влатко Стојановски

Поврзани новости