Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вечерва во „Отвореното студио“ на 1ТВ рече очекува поголема излезност во вториот круг од претседателските избори в недела.
– Ова е првпат најголемата албанска и македонска партија да имаат заеднички претседателски кандидат. Не беше лесно. Сакаме во нашата држава да се инсталира рационалноста. Интересите на државата не соединуваат. Не беше лесно за ДУИ, и овој процес беше отежнат од кандидатурата на еден друг албански кандидат. И луѓето беа во дилема дали да гласаат за етнички Македонец или етнички Албанец. Иако се знаеше дека албанскиот кандидат не може да победи, кампањата го направи своето – рече Ахмети.
Тој вели дека излезноста на гласачите на ДУИ била задоволителна и тој е задоволен со оваа излезност.
Според неговата проценка, над 50 илјади гласови од албанското гласачко тело ги добил Пендаровски.
-Гласачите кои не излегле во првиот круг, ќе излезат во вториот затоа што тој е судбоносен. Јас не припаѓам на категоријата на луѓе кои се песимисти. Јас се исплашив во првиот круг дал ќе се постигне цензусот, но во вториот круг тоа не ме плаши. Јас мислам дека на вториот круг излезноста ќе биде повисока отколку во првиот круг. Бидејќи сега натпреварот е реален, и сите граѓани го имаат тоа во предвид. Никој не сака криза во нашата држава, сите сакаат политичка стабилност бидејќи таа носи корист за секој граѓанин на државата – рече Ахмети.