ДУИ не само што е најсилна во албанскиот политички блок, туку е и најдобра опција. Тринаесет години сме неспорни победници и повторно ќе бидеме неспорни победници, рече денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на предновогодишното обраќање до членството.
-Ние мислиме дека датумот не треба да се помести, зашто така нема да дадеме придонес за стабилноста на земјата. Со датумите не треба да си играме. Терминот, повторувам, е договорен. Најдобриот нека победи на изборите и нему ќе треба да му се честита и да му се посака успешно да ги решава проблемите. Сакаме изборите да бидат фер и демократски и сите треба да работиме тие да бидат организирани и спроведени според најдобрите стандарди, рече Ахмети.
Тој истакна дека годината што изминува според него е најтешка во последните десет години, а како што рече тој, ризик за стабилноста на земјата носи и скандалот со фалсификуваните документи.
-Навистина сме вознемирени и загрижени во какви рамки се случиле ваквите фалсификати. Многу пати сум го алармирал членството, Албанците, како и сите граѓани, да бидат што повнимателни, за да не се падне во замките на фалсификатите и документите, затоа што секој фалсификат е девијација, ја попречува стабилноста и безбедноста на државата, рече Ахмети.