Утре започнува Европското првенство во фудбал, кое требаше да се одржи минатото лето, но поради пандемијата се одложи за оваа година.
Селекцијата на Македонија избори учество за првпат на вакво натпреварување, а првиот натпревар ја очекува во недела со репрезентацијата на Австрија. Со оглед на тоа што се наближува нашиот прв историски настап, „Фокус“ направи интервју со некогашниот селектор Ѓоко Хаџиевски, кој долги години работи надвор од Македонија.
Тој не го криеше задоволството од тоа што Македонија ќе се натпреварува на едно вакво големо натпреварување.
„Овој успех долго време го чекавме. На секои квалификации се зборуваше за тоа – дали ние можеме да дојдеме до пласман на едно такво големо натпреварување. И еве успеавме, што навистина сум среќен. Овојпат имавме олеснителна околност, со тоа што беше овозможено помалите репрезентации да добијат шанса за настап. И ние тоа си го искористивме паметно“, го започна разговорот Хаџиевски.
Овој селектор беше предводник на македонскиот национален тим од 1996 до 1999-та година и тогаш бил блиску до ваков успех.
„Имавме моменти кога бевме блиску до ваков успех. Кога јас ја водев македонската репрезентација во квалификациите за Светското првенство 1998 година во Франција, бевме блиску до бараж. Двата натпревари со Литванија не ги одигравме најдобро, иако бевме подобар противник. Искуството тогаш беше пресудно“, раскажува Хаџиевски.
Последната победа против Германија во квалификациите за СП дава посебен ветер во грб за нашата репрезентација. Според Хаџиевски, таа победа ќе ни направи тешкотии.
„Победата против Германија е голем показател за зрелоста на оваа селекција. Се изборивме машки и заслужено го добивме тој натпревар. Сега никој нема да каже дека се пласиравме на ЕП поради слабата група. Ништо не е случајно. Таа победа против Германија ќе ни направи тешкотии – никој нема да не сфати несериозно, како мала репрезентација. Сите останати ќе сфатат дека можеме секого да победиме. Добро ќе не анализираат и тоа ќе биде тешкотија дополнителна за нас, ќе влезат максимално во сите дуели“, анализира тој.
Во последните десетина години, репрезентативниот фудбал не беше на највисоко ниво, но со овој успех многу работи ќе се променат. Хаџиевски се надева дека добро ќе одиграме на Европското првенство и со тоа уште повеќе ќе се подигне нивото на репрезентативниот фудбал.
Еден од најзаслужните за успехот на оваа репрезентација е селекторот Игор Ангеловски. Тој пет години трпеливо работеше со оваа селекција, верувајќи во успех кој сам по себе си дојде.
„Селекторот Ангеловски е доста заслужен за успехот на оваа репрезентација. Пет години ја води оваа селекција. На почетокот ние имавме пад на ФИА-ранг листата, но потоа скокнавме. Тоа што тој беше задржан, беше паметна одлука. Така се создаде оваа атмосфера во репрезентацијата. Многу играчи од младата репрезентација која играше на ЕП пред неколку години, сега се скелетот на оваа репрезентација. Задно со неколку поискусни фудбалери, тие млади играчи 10 години ќе ја носат оваа репрезентација. Тоа што му оставија време на Мрме е важен фактор“, додава тој.
Односот на претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини и селекторот Игор Ангеловски не е баш најдобар, за кого сведочеа разни изјави и текстови во медиумите. Сепак, тоа нас не треба да не интересира и фокусот да биде на првите три натпревари на ЕП.
„Не треба воопшто да мислиме на односот Сејдини-Ангеловски. Треба да се фокусираме на настапите на нашата репрезентација. Потоа што ќе биде, ќе видиме. Јас како селектор немав проблем со Ѕинго во тоа време. Имав потполно разбирање и одврзани раце за работа од управниот одбор. Се надевам дека тој проблем во ФФМ ќе се надмине“, истакна Хаџиевски.
Факт е дека сме аутсајдери во групата, но ова е идеална шанса за да покажеме дека на ЕП нема да бидеме боксерска вреќа и не одиме со бело знаме.
„Имаме сериозни противници. Австрија не победи дома убедливо. Украина има позитивни резултати и Холандија, која е секогаш во завршниците на Светските и Европските првенства. Фокусот треба да ни биде на првиот дуел со Австрија. Макар и нерешен резултат ќе биде добар успех за нас. Тоа ќе биде шанса, за со Украина да одиме уште похрабро. Австрија е технички добро подготвена, со многу искусни играчи. Со Украина исто ќе биде тешко. Тие отсекогаш биде многу снажни во дуели. Имаат стратегија за физичка подготвеност. Холандија е технички совршена, брзината е нивно главно оружје. Видовме дека играа добро во пријателските мечеви. Тие се главен фаворит во првото место во нашата група“, го заврши разговорот Хаџиевски.
Фото – Приватна архива на Ѓоко Хаџиевски, ФФМ
Јорданчо Цветаноски