Агенцијата за разузнавање (АР) денеска го осуди инцидентот кој се случи вчера пред арената „Филип Втори” во Скопје за време на Супер купот, а во кој беше инволвиран нивен вработен. Агенцијата се огради од сите индивидуални постапки на вработените надвор од работното време.
Од Агенцијата велат дека имаат разбирање за интересот на пошироката јавност и медиумите за природата на нивната работа или активностите на вработените во АР и ги замолуваат претставниците на медиумите, како и сите други припадници на институциите на државата да информираат на професионален начин кој не ја загрозува безбедноста на вработените во безбедносните служби.
-Откривањето на личниот идентитет на вработени во безбедносните служби од кои било причини, создава ризици и ја загрозува безбедноста на лицата и нивните најблиски, соопштува АР и додава дека ја почитува професионалноста и посветеноста на медиумите и институциите кои известуваат навремено, точно, релевантно и со почит кон приватноста и безбедноста на овластените службени лица од безбедносните служби, а кои се во согласност со професионалните стандарди и новинарски кодекси, велат од Агенцијата.