-Правниот тим на американската Амбасада ги разгледува измените во Кривичниот законик, јас лично не сум ги видела, така што не можам да ги коментирам, но како што беше соопштено и од Стејт депарментот потребно е да се следат процедурите на правниот систем на земјава, изјави денеска американската амбасадорка, Анџела Агелер одговарајќи на новинарско прашање за брзото усвојување на измените на Кривичниот законик.
Таа додаде дека на ова прашање одговориле во петокот, дека правниот тим на американската Амбасада ги разгледува.
-Јас лично не сум ги видела, така што не можам да ги коментирам. Како што кажавме во соопштението на Стејт депарметнот потребно е да се следат процедурите на правниот систем на земјава, изјави Агелер
Од прес-службата на Стејт депарментот претходно соопштија дека корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија. Оваа изјава од Стејт департменот дојде како одговор на новинарско прашање дали новите измени во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување ќе ги отежнат напорите на САД да помогнат во борбата против корупцијата во државата.
-Ја охрабруваме Северна Македонија да ги исполни нејзините ветувања за борба против корупцијата. Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судствотото, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата, изјави Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик.
Собранието со европско знаменце и во забрзана постапка ги помина минатата недела измени на Кривичниот законик, кои предвидуваат пониски казни за службени лица и функционери, кои ќе ја злоупотребат својата позиција. Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.