Агелер: Ги охрабрувам граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека сакаат да бидат дел од ЕУ

by Fokus

Сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава е во нејзиното пристапување и интеграција во Европската унија и навистина се надевам дека политичарите од сите политички партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа, изјави амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Агелер.

Таа ова го изјави по денешната работна средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасосвски на граничниот премин „Богородица“.

На новинарско прашање за нејзиниот став за процесот за уставни измени, Агелер рече дека не е нејзино да зборува за тоа, но дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ.

„Сметам дека не е мое да зборувам за тоа како тече процесот на уставните измени, јас сум амбасадор на САД. Ние не сме дел од ЕУ, но кога ја гледам границата и големиот број возила кои влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава се во нејзиното пристапување и интеграција во Европа и навистина се надевам дека политичарите од сите партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа“, изјави амбасадорка Агелер.

Таа додаде дека граничниот премин меѓу С Македонија и Грција потсетува на тешките одлуки што морала да ги направи земјава.

„Границата со Грција не потсетува на тешките одлуки што оваа земја веќе ги направи, и знам дека и ова е тешко, но ги охрабрувам граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ“, изјави Агелер.

На работната средба меѓу амбасадорката Агелер и министерот Спасовски беше претставена донацијата од САД составена од нови  „боди камери“ за полициските службеници, како и на двете специјализирани возила за откривање радиоактивен материјал.

Поврзани новости