Повардарскиот митрополит Агатангел го промени својот став по повод доаѓањето на верниците во храмовите за време на христијанскиот празник Велигден.
Ако само до пред дваесеттина дена јавно ги повика верниците да одат во храмовите и да се причестуваат во време на пандемија, појаснувајќи им дека многу болести по причестувањето исчезнувале, денес тој се јави со променето мислење.
-Јас сум отсутен од храмовите поради здравствени причини, ама со мислите сум со вас. Да не се плашите да ги целивате иконите или крстот, и да не се плашите да примите свештеник за водосвет во својот дом, имајте повеќе верба и доверба – порача тој при крајот на март.
Денес пак, во јавно соопштение ги повика верниците да останат во своите домови поради пандемијата.
-Црквите ќе бидат отворени, во нив ќе служат само свештениците со свои помошници. Ве повикуваме точно во 24 часот во сабота, кога ќе ги слушнете камбаните кои ќе го означат Христосовото Воскресение, со запалени свеќи и со Велигденски црвени јајца да излезете на вашите балкони, дворови или пак во вашите дневни простории и да ја запеете Воскресентската песна. Честитајќи ви го празникот преку електронски медиуми, ве поздравувам со христијанскиот поздрав Христос Воскресна – соопшти митрополитот.
Вики Клинчарова