Државното обвинителство на Чешка денеска соопшти дека од полицијата добило предлог за поднесување обвинение против премиерот Андреј Бабиш, откако го презеде досието поврзано со наводна злоупотреба на европски субвенции.
Полицијата се сомнева во Бабиш за привремено одвојување на фармата „Родно гнездо“ близу Прага од големиот земјоделско-прехранбен холдинг „Агроферт“ во 2007 година, за да може да добие европски средства наменети за мали претприемачи.
Бабиш (66), кој има словачко потекло и е петти најбогат Чех според списанието Форбс, ги отфрла тврдењата дека сторил нешто незаконско.
– Документацијата за случајот кој медиумите го нарекоа „афера родно гнездо“ му беше предадена на главниот државен обвинител задолжен за надзор, заедно со предлогот за обвинение од полицијата, се наведува во соопштението на државното обвинителство во Прага.
Во соопштението се додава дека „главниот државен обвинител сега ќе ги проучи документите и ќе одлучи дали ќе покрене обвинение, ќе се откаже од гонењето или ќе постапи на друг начин“.
Полицијата побара покренување обвинение против премиерот уште во 2019 година, но главниот обвинител одлучи дека обвинението е неосновано и го прогласи Бабиш за невин.