Блиски роднини и соработници поседуваат и автошколи и испитни центри

by Фокус

Меѓусебно поврзани лица по деловна и роднинска линија се јавуваат како сопственици и на автошколи и на центрите што спроведуваат испити во подрачјето каде делуваат овие автошколи, што е спротивно на суштината на своевремената реформа да се раздвојат процесите на обука и оценување на идните возачи во посебни субјекти, пишува најновиот број на неделникот Фокус.

Уставниот суд неодамна го укина членот од Законот за безбедност во сообраќајот кој забрануваше персонална поврзаност меѓу испитен центар и автошкола, чија цел всушност беше, откако веќе се извлекоа испитните комисии од автошколите, да се намали ризикот за фаворизирање на одредени автошколи и ризикот за можни влијанија врз испитната постапка.

На тој начин, нема формална законска пречка поврзани лица да бидат дел од сопственичката стурктура и на испитен центар и на автошкола, меѓутоа дел од експертите за антикорупција во случајов гледааат судир на интереси. Еден од нив е Ариф Муса, кој смета дека двата процеси треба да се издвојат од поврзани структури, бидејќи во спротивно, според него, има простор за влијанија.

Во тој контекст, испитниот центар што го покрива подрачјето на СВР Куманово – „Топ Драјвер“, е во сопственост на Африм Емини, кој уште се јавува како прокурист во кумановската автошкола „Југофер“, чии сопственици се Ридван Дервиши и Агрон Дервиши. Слична е ситуацијата и со испитниот центар за СВР Велес – „Зелен Сигнал – Оки“, кој е во сопственост на Јорданче Делков, чија сопруга Роза Делкова поседува две автошколи лоцирани во Кавадарци, при што важечко овластување има „Алф РД Рики“.

Во текот на 2020 година, само „Енса Контрол“ од Сарај добила овластување од Министерството за внатрешни работи за вршење на технички преглед на возила. Како косопственик на оваа компанија се јавува Осман Демири, брат на познатиот бизнисмен Енвер Демири, кои се во роднинска врска со Агим Рустеми, вработен во МВР. Како што велат од Министерството, „неговите работни задачи и обврски немаат никаква допирна точка со комисиите што одлучуваат во врска со доделување на овластувања за вршење на технички преглед на возила“.

Целиот текст прочитајте го новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости