Адвокатот на главниот осомничен за планирање на нападот пред концертот на американската поп ѕвезда Тејлор Свифт во Виена, денеска изјави дека властите го преувеличиле случајот. Осомничениот 19-годишен Австриец, чие име не е објавено поради австриските правила за приватност, беше уапсен минатата среда, а организаторите ги откажаа сите концерти на пејачката кои требаше да се одржат на стадионот Ернст Хапел во австриската престолнина. сепак познато е дека тој е по потекло од Гостивар.
Австриските власти објавија дека осомничениот имал намера да изврши напад надвор од стадионот, убивајќи што е можно повеќе луѓе со ножеви или рачно изработен експлозив.
Овој 19-годишен главен осомничен и 17-годишник беа уапсени во вторникот минатата недела, додека 15-годишник исто така беше сослушан во врска со случајот, но не беше уапсен.
Австриската полиција во куќата на еден од двајцата уапсени пронашла знаци на екстремистичките организации Исламска држава и Ал Каеда.
Како реакција на наводниот заговор за терористички напад австрискиот канцелар Карл Нехамер денеска изјави дека ќе преземе мерки за подобрување на капацитетот на земјата за борба против тероризмот. Според информациите на австрискиот весник „Кронен Цајтунг“, канцеларот ќе предложи план од четири точки за зајакнување на безбедносните служби. На пример, службите ќе добијат овластувања за следење на пораките испраќани преку комуникациски апликации – нешто што моментално не е дозволено во Австрија.
По спречувањето на наводниот терористички заговор, Нехамер, кој ќе се бори за реизбор следниот месец, изјави дека Австрија треба да им даде на разузнавачките служби повеќе овластувања за дешифрирање на пораките.Анкетите покажуваат дека главна закана за Австриската народна партија (АНП) на Нехамер е крајнодесната Австриска партија на слободата, која води во трката за победа на парламентарните избори на 29 септември. Партијата е против „исламизацијата“ на Австрија и ветува дека ќе го забрани политичкиот ислам.
Според „Кронен Цајтунг“, пакетот на Нехамер вклучува предлози за борба против политичкиот ислам преку заострување на правилата за правото на собири за групи кои се сметаат за непријателски кон демократијата. Други мерки се насочени кон дерадикализација на екстремисти и олеснување на задржувањето во притвор на малолетници осомничени за тешки кривични дела.
Австрија има строги закони за заштита на личната приватност, а напорите на АНП за олеснување на надзорот на комуникациските апликации се соочуваат со отпор од помалиот коалициски партнер – Зелените.