Димитар Дангов, адвокат на екс премиерот Никола Груевски на денешното рочиште за случајот „Титаник“ приговараше до судијата Осман Шабани дека камерата со која се снима рочиштето не ги снима сите обвинети, односно снимала само еден дел од судницата па затоа видео записникот немало да биде целосен.
Судењето за „Титаник“, односно за изборните манипулации се одржува во новата зграда на Кривичниот суд.
Адвокатот Еленко Миланов пак, побара иземање на судиите бидејќи обвинителката Катица Јанева неодамна кажала дека дел од судиите биле прислушувани и ги имало во бомбите. Тој побара да се провери дали и судиите во овој предмет, Осман Шабани и Огнен Ставрев биле прислушувани, зошто таков одговор побара од СЈО но досега не добиле.
Вакво иземање на судиите беше побарано од адвокатите во речиси сите предмети на СЈО, а во кои обвинети се високи поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
В.В.