Годишнина од масакрот кај Смилковско езеро, следната недела ново рочиште со СЈО како тужител

by fokus

Навршуваат шест години од петкратното убиство кај Смилковсо езеро, каде со огнено оружје беа убиени петмина скопјани додека ловеле риба. Убиството се поклопи со големиот христијански празник Велики четврток.

Убиени беа четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево.

За петкратното убиство во случајот „Мострум“ доживотна казна затвор им е изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда поради немање на цврсти докази за утврдување на вина.

Сепак предметот стартуваше од почеток затоа што Врховниот суд ја укина првостепената и второстепената пресуда и предметот го врати на повторно судење, и тоа по барање на Вишото јавно обвинителство.

Набрзо по оваа одлука, највисокиот суд донесе одлука и ги ослободи од притвор Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост, со тоа што не смеат да го напуштат градот во кој што живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1.

Во март годинава специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, соопшти дека СЈО воспоставивло надлежност за предметот „Монструм“ кој се однесува на овој случај.

-Се надеваме дека за рочиштето во април ќе бидеме спремни за презентирање пред судот. Продолжува постапката во фазата во која се наоѓа предметот – рече Јанева.

Рочиштето треба да се одржи за пет дена од сега, односно на 17ти април.

Поврзани новости