Од Врховниот суд денеска информираа дека е отфрлено Барањето за вонредно преиспитување на пресудата за „Насилство во Центар“, поднесено од екс премиерот Никола Груевски.
Барањето го поднел адвокатот Петар Тимовски, а во него навел дека со првостепената пресуда биле направени суштествени повреди.
„Направени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, повреда на правата на одбраната, повреда на одредбите на кривичната постапка во жалбената постапка, која повреда влијаела или можела да влијае врз законитото и правилното донесување на пресудата или врз правото на обвинетиот на правично судење“, посочил адвокатот.
Врховниот суд пак го одбил барањето како неосновано бидејќи било поднесено од неовластено лице. Поточно во решението судот појаснува дека адвокатот Тимовски, кој му бил доделен на Груевски по службена должност, имал право да го застапува само до правосилноста на пресудата.
„Врховниот суд на констатира дека поднесеното барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда е поднесено од неовластено лице, бидејќи бранителот по службена должност е овластен да ги презема во корист на обвинетиот сите дејствија што може тој да ги преземе до правосилноста на пресудата. Поднесувањето на барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда претставува дејствие кое се презема по правосилноста на пресудата, бидејќи е вонреден правен лек, за кој бранителот по службена должност не е овластен, бидејќи од списите по предметот е видно дека бранителот нема посебно полномошно во кое се назначува дека тој е овластен од обвинетиот да презема дејствија и по вонредни правни лекови, односно дејствија по правосилноста на пресудата“, се појаснува во решението на Врховниот суд.
Ова значи дека останува на сила казната затвор од 1 година и шест месеци која треба да ја одлежи Груевски за овој случај.
В.В.