Адвокатот, Ненад Јанаќиевиќ, кој го застапува поранешниот директор на СОЗР, Васе Доневски, вели дека не бил исполнет ниту еден услов за да му биде одредена мерката притвор од 30 дена. Тој вели дека е обжалена изречената мерка која му ја одреди судот на Доневски.
Според Јанаќиевиќ нема можност за бегство или влијание на сведоци бидејќи Доневски досега соработувал без проблеми со истрагата која се водела против него.
Доневски беше притворен по барање на обвинителството за организиран криминал кое го сомничи за злоупотреба на службена положба при вршење на јавна набавка. Конкретно, сомнежот е дека незаконски и помогнал на фирмата „Секјуриком“ да добие тендер за чистење и одржување на повеќе државни објекти вреден околу 11 милиони евра.
На второосомничениот во постапката, сопственикот на „Секјуриком“, австриецот, Волфганг Гампер, му е одземен пасошот и има забрана да ја напушти земјата.