Министерството за внатрешни работи за „Фокус“ потврди дека во тек е распит на адвокатот Васко Стојков, кој го возеше до Белград првоосомничениот за организирање и извршување на убиствата на 14-годишната Вања и велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчо.
Информацијата за распитот на Стојков ја објави МКД,мк повикувајќи се на свои извори. Стојков пред неколку дена откако се дозна кој е осомничен за двете убиства изјави дека то со возило го однел Љупчо Палевски – Палчо во Белград на преглед и истиот ден се вратил во Македонија.
-Не знаев дека е одговорен за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи нема возило, а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас не знаев ништо за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград на преглед. Се вратив во Скопје. Палевски ми рече дека ако не е во ред ќе оди на преглед во Истанбул. Кога се вратив полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав, изјави на 4 декември Стојков.
Тој тврдеше дека не е бранител на никој од осомничените сега за овој случај.