Адвокатот Асмир Алиспајиќ поднесе кривична пријава против судијката Софија Лаличиќ, а поднел и барање за утврдување на одговорност до Судскиот совет.
-Заради континуираните закани, навреди, уцени и клевети кон мене лично и мојата фамилија од сваровски судијата Софија Лаличиќ ве известувам дека се поднесени кривична пријава за злоупотреба на службената положба и барање за утврдување на одговорност до Судскиот совет, напиша адвокатот на фејсбук.
Пред неколку дена Кривичниот совет одлучи и дека адвокатотАлиспајиќ нема да ја плати паричната казна од 2.000 евра со која неодамна го казни судијката Лаличиќ, уважувајќи ја неговата жалба.
Пред речиси два месеци судијката Лаличиќ го казни адвокатот поради објавен статус на неговиот фејсбук профил, во кој напиша „Сваровски судијата Софија Лаличиќ дно од судија, под итно разрешување“.
Од Советот заклучиле дека фејсбук статусот на адвокатот не може да се поврзе со кривичната постапка која се водела пред судот.
Судијката Лаличиќ во јавноста стана позната по објавување на „бомбите“ од СДСМ, односно откако беше објавен нејзин разговор со Сашо Мијалков, во времето кога бил директор на УБК. Во разговорот Мијалков ја известува Лаличиќ дека е избрана за судијка во Кривичниот суд.
В.В.