Во Основниот суд во Струга се одложи главната расправа во судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамис Мерко за набавката на луксузниот автомобил Ауди А6 вреден 67 илјади евра, поради потребата од време судот да ги разгледа предлозите на обвинителот и одбраната.
Судскиот процес ќе продолжи на 2 септември со сослушување на десеттина сведоци предложени од одбраната.
– Одбраната и Јавното обвинителство истакнаа предлози во однос на кои судот мора да провери, особено во однос на предлогот на одбраната со кој бара судот да донесе решение во поглед на тоа дека е настапена застареност на кривичното гонење, истакна судијката Надица Митреска.
Јавниот обвинител во Основно јавно обвинителство Струга Никола Јолески побара судот да ги отфрли предложените докази од одбраната со образложение дека се нејасни и нецелосни и оти ќе придонесат за одолговлекување на постапката.
Адвокатот на обвинетиот Игор Петкоски побара судот да го одбие обвинителниот предлог, бидејќи, според него, рокот за обвинение изминал.
– Обвинителниот предлог од страна на Јавното обвинителство е поднесен на 28 февруари 2024 година до Основен кривичен суд Скопје, со кој обвинетиот се товари за дејствија од 2018 година, што значи изминале повеќе од пет години и судот требало согласно член 337 од Законот за кривична постапка, да донесе решение со кое ке го одбие обвинителниот предлог, рече Игор Петкоски.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал го гони Мерко за злоупотреба на службената положба, поради набавката на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, меѓу кои луксузен автомобил Ауди А6, со што го оштетил буџетот на Општината спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка.
Со последните измени на Кривичниот законик за злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, се предвидува казна затвор од една до четири години.