Шефот на воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер изјави дека Северноатлантската алијанса нема намера да ја нападне Русија и затоа Алијансата не претставува закана за Москва.
– Русија знае дека Алијансата не е закана за неа, бидејќи не планираме да ја нападнеме таа земја, рече тој на прес-конференција во Норвешка каде учествуваше на годишната конференција на началниците на генералштабовите на земјите од Северноатлантската алијанса.
Сепак, адмиралот рече и дека НАТО, во согласност со своите нови одбранбени планови, во случај на потенцијален напад врз Алијансата, во првиот месец ќе употреби 300.000 војници, од кои се бара постојано да бидат во висока борбена готовност.
Тогаш, како што додаде, можно е да се употребат дополнителни сили, а заедно со Финска и Шведска, силите на Алијансата можат да бројат до 3,5 милиони луѓе.
-Ако зборуваме за колективна одбрана, нема да имаме време да се подготвиме за напад бидејќи тој напад не го планираме ние, туку нашиот противник. Ако нападнат, мора да бидеме подготвени. Затоа ни требаат повеќе војници во висока борбена готовност, а не само она што можеме да го организираме преку ноќ. Ќе им треба подготовка, оружје, муниција и се останато. Затоа станува збор за 300.000 војници во висока борбена готовност. Заедно со Финска и Шведска, НАТО има на располагање 3,5 милиони војници – истакна Бауер.