Адили: Алијансата за Албанците од коалиција може да се трансформира во партија

by Фокус

Политичките партии од „Алијансата на Албанците“ – Движењето за реформи на ДПА на Зијадин Села, Унитети на Гзим Острени и Националната демократска преродба на Весел Мемеди, размислуваат и дискутираат за опцијата, наместо да функционираат како блок на партии, да се окрупнат во еден поголем политички субјект, вели за Фокус потпретседателот на Унитети, Зулфи Адили.

-Оваа идеја постои уште пред изборите, кога новоформираните албански партии разговараа за заеднички изборен настап. Тогаш не успеја идејата за формирање на предизборен блок на сите партии, ниту се оствари можноста оние партии што формираа предизборна коалиција да оформат една партија. Меѓутоа, оттогаш до денес оваа идеја и жива и за неа се дискутира, бидејќи ние и онака пред изборите функциониравме и се уште функционираме како една партија, со заедничка платформа – вели Адили.

Тој додава дека доколку партиските тела и органи на овие партии одлучат да се фузираат во еден политички субјект, кој ќе ги остави отворени портите и за други албански партии, овој процес најверојатно би се заокружил по следните локални избори, доколку тие се одржат во редовниот термин во мај годинава.

В.С.

Поврзани новости