Адемовски: Македонија 27 години е во „лер“

by fokus

Веќе 27 години Македонија како да е во ров од кој нема можност да излезе. Нема суштински стратегиски развој. Дојдовме во ситуација кога се потребни радикални промени за да се придвижи тркалото, вели претседателот на Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО), Ајдован Адемовски, во интервју за МИА.

Адемовски смета дека и општеството и економијата се изморени. На земјата и се потребни мегапроекти со глобално значење во енергетиката, транспортот и индустријализацијата, а за тоа е неопходна долгорочна стабилност. Таква стабилност, пак, овозможуваат интеграциите, регионални или глобални.

„Денешниот свет функционира по принципот на споени садови. Ниту една национална одлука не е автохтона – самостојна, таа е условена со актуелната меѓународна политичка ситуација, констелација на надворешни и внатрешни интереси и, се разбира, од административниот капацитет на едно општество да ги реализира политичките одлуки што ќе овозможат општ развој на земјата.

Македонија 27 години нема суштински стратегиски развој на општеството – како да е во ров од кој нема можност да излезе. Во изминатиот период се соочи со изградба на државата, постојано беше изложена на разни наметнати политички збидувања, како што се санкциите од 1991 до 1995 година, бегалската криза во 1999 година, конфликтот во 2001 година, глобалната економска криза во 2008 година, опструкциите од соседите, а тоа влијаеше да се занимаваме со егзистенцијални прашања. Таа „лер” ситуација се одрази негативно не само на економијата, туку и на сите други аспекти од нашето живеење: образованието, здравството, културата, спортот… Директна последица од ваквата состојба е одливот на населението. Иако тоа е глобален тренд и го има и во развиените земји, кај нас, поради нашата големина, тој тренд остава последици што допрва треба да се согледаат. Дојдовме во ситуација кога се потребни радикални промени за да се придвижи тркалото“, истакна Адемовски.

Поврзани новости