Министерот за образование Абдулаќим Адеми пред неколку денови најави дека нема плати за штрајкувачите во училиштата, односно тие што се членови на СОНК треба да добијат плата од таму, додека другите воопшто нема да имаат плата, што е спротивно на Колективниот договор за основно образование член 54 во кој се вели:
– Работодавачот е должен да исплати надоместок на плата за работниците за време на штрајкот за работниците кои учествувале во штрајкот во висина на основната плата на работникот, доколку синдикатот организира штрајк заради кршење на правата на работниците утврдени со закон, колективен договор или акт на работодавецот.Колективниот договор се однесува на сите вработени во основното образование и тој е обврзувачки за потписниците на истиот – се наведува во Законот.
Синдикалниот лидер на СОНК, Јаким Неделков ја потврди информацијата за „Фокус“, тврдејќи дека тие не треба да им исплаќаат плати на просветните работници, туку тие според закон треба да добијат плата од институцијата каде што работат.
– Со изјавата на министерот Адеми, штрајкувачите се уште пореволтирани и велат дека не само осум дена, туку ќе штрајкуваат уште 88 дена ако треба. Тоа што не даваат плати е само начин да се задуши штрајкот – вели Неделков.
Пред неколку денови со свој коментар на оваа тема излезе и професорката Мирјана Најчевска. Таа на својот фејсбук профил напиша дека ако Адеми не разбира дека штрајк се прави токму заради тоа што немало дијалог и дека штрајкот е демократски гарантирано право на граѓаните за вршење притисок врз власта, тогаш, на него местото не му е во власта и мора под итно да биде тргнат од таа позиција, за да не биде срам за државата.
– Како дел од академската фела, се срамам што за министер го имам овој човек. Не заради тоа што припаѓа на конкретна етничка заедница, туку заради тоа што тој покажува не само базично незнаење на законите, туку манифестира исклучително ограничени интелектуални капацитети кои се недозволливи за човек на ваква позиција – тврдеше Најчевска.
Со слични проблеми пред две години се соочија и лекарите, кои повеќе од 50 дена штрајкуваа. Тие дури два месеци не добија плата, а повеќето од нив правдата ја бараа на суд.