Неделков: Штрајкуваат повеќе од 65 отсто од членството, Груевски дезинформира

by Fokus

Повеќе од 65 отсто од членството на СОНК штрајкува, тврди синдикалниот лидер Јаким Неделков, со што се демантира изјавата на премиерот Никола Груевски дадена во емисијата „Јади Бурек“, дека помалку од 10 отсто од просветните работници излегле на Генерален штрајк.

– Изјавата на премиерот дека штрајкувале помалку од 10 отсто од членовите на СОНК, а дека 90 отсто нормално си работата е чиста дезинформација. Па, само во кумановскиот регион штрајкуваат 10 отсто од членството, а каде е тука скопскиот регион, битолскиот, прилепскиот…Повеќе од 65 отсто од членството штрајкува, а во меѓувреме ни се приклучуваат нови синдикалкни организации и нови членови. Во моментот, луѓето толку се револтирани од игнорантскиот однос што планираат да штрајкуваат се додека не се исполнат нашите барања – истакна Неделков.

Целата работа почна откако премиерот Груевски во интервју во емисијата „Јади Бурек“ истакна дека не сфаќа зошто СОНК и просветарите штрајкуваат, кога до пред неколку месеци постојано ја фалеле работата на Владата. Тој го повтори добро познатиот став, дека новото раководство мора да прави нешто и да се бори, за да си ја задржи функцијата.

– Сега им текна на неколку месеци пред нивните избори да штрајкуваат и да тврдат дека не се задоволни, апретходно тврдеа дека имаме одлична соработка. Раководството сигурно има потреба да се покаже дека нешто работи и за бори за правата на своите членови. Поранешниот претседател постојано ги фалеше реформите и сега преку ноќ, групата што работи таму вика ни доаѓаат изброи, имаме конкуренција внатре, треба да покажеме активност, нашите членови да видат дека се бориме за нив. Ќе нагазиме сега, нека мисли Владата, нека се снаоѓа. Е, не може така. До вчера бевме одлични, а сега не сме. Затоа и немаат поддршка, помалку од 10 отсто штрајкуваат, над 90 отсто од просветарите си работат – рече во интервјуто Груевски.

Генералниот штрајк на СОНК продолжува се додека не седнат на заедничка маса со Министерството за образование и преку социјален дијалог не ги решат проблемите и не им се исполнат барањата, а тоа е зголемување на платите за 25 отсто и укинување на екстерното тестирање во делот со казните.

Поврзани новости