Адеми: Пратениците организирано нека доаѓаат на работа, со комбе, автобус или воз

by fokus

На денешната комисиска расправа во Собранието, на кој се разгледуваат законските измени за намалување на патните трошоци, пратениците открија нови злоупотреби на јавните пари.

Пратеникот од ЛДП, Горан Милевски, обелодени информации за трошењата кои ги правеле директори на неколку институции. Како што рече тој, ексдиректорот на Дирекцијата за класифицирани информации, Александар Нацев, месечно трошел 37.000 денари за одела, обувки, парфеми и енергетски пијалоци и по 20.000 денари за гориво. Директорот на регулаторната комисија, пак, си вработил човек за паркирање на автомобилот.

-Поранешниот директор на хидрометеоролошки завод, оној готвачот, си трошел 37.000 денари месечно за гориво, а нашиот директор откако е дојден просекот паднал на 3.000 денари. Каде одел тој со 37.000? Кој се турал бензин со неговата службена картичка? За споредба, новиот градоначалник на Битола си ја остави колата во дворот, си оди пешки на работа. Се чудат луѓето кога отсабајле ќе оди да купи геврек, како вие градоначалник, а купувате геврек  – рече Милевски.

Пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, побара целосно укинување на патните трошоци, за сите функционери.

-Ќе поднесам амандмани на предложените измени со цел укинување на патните трошоци за сите функционери. Ако сакам европска држава, министрите ќе мора да ни доаѓа на работа со велосипед,  директорите со автобус, а пратениците нека се организираат, со такси возило, комбе, автобус или воз. И тогаш ќе видиме дали Собранието ќе биде ефективно и дали ќе може да работи – рече тој на денешната комисиска расправа.

 

Поврзани новости