„Двете најголеми етнички заедници од Македонија, кои работат и живеат во странство, да седнат на заедничка маса и да пристапат кон соработка со Владата“, најави Министерот без ресор задолжен за односи со дијаспората, Едмонд Адеми, на средба со американскиот амбасадор Џес Бејли.
„Пред нас имаме празен лист хартија. На нас е да го испишеме со добри нешта“, подвлече Адеми.
„Дијаспората е важен и значаен ресурс не само во Македонија, но и глобално“, рече амбасадорот Бејли, кој истакна дека ќе помогне во воспоставување на комуникација со иселените во САД во иднина да инвестираат во Македонија.
На средбата Адеми истакна дека грижата за дијаспората на министерско ниво има повеќе предности. Како посебно значајни тој ги истакна потребата од измени во законската регулатива за гласање на дијаспората и интензивирањето на соработката со потенцијалните инвеститори од редовите на дијаспората, кои, како што нагласи министерот, се чувствуваат обесправени пред другите странски инвеститори.