Ад хок телото кое го следи медиумското известување во предизборието, во вториот извештај не изрече казнени мерки против ниту еден медиум, бидејќи како што тврдат, кај сите бил констатиран значителен напредок.
– Мониторингот на медиумите во периодот од 2 до 11 октомври 2016 година покажа дека медиумите во делот на известувањето направија значителен напредок во квантитативниот и квалитативниот баланс. По разгледување на четвртиот десетдневен Извештај за извршен мониторинг на 18 програмски сервиси, Привремената комисија не даде ниту еден предлог за изрекување мерка, но им укажува на радиодифузерите особено да стават акцент на квалитативниот баланс при известувањето. Комисијата изразува задоволство што во овој извештаен период, генерално се почитува членот 75-б од Изборниот законик, односно известувањето за државните органи не е во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект и ги охрабрува радиодифузерите во иднина да продолжат во оваа насока, пишува во заедничкото соопштение на петчлената Комисија.
Инаку, во претходниот извештај ад хок телото поднесе прекршочни пријави против Сител и ТВ Нова поради небалансирано известување.