Производството на електрична енергија тече според предвидениот план за производство и согласно номинациите на ЕВН и другите потреби, соопшти АД ЕСМ.
Работат два блока во РЕК Битола, гасната електрана Енергетика во Скопје, еден котел во ТЕЦ Неготин, хидроелектраните според потребите и се презема и електричната енергија од ТЕ-ТО, согласно важечкиот договор. Нема никаков застој во производството и електраните се подготвени во секој момент да испорачаат потребни количини енергија во системот.
– Што се однесува до системот за парно греење во Скопје, прекинот е настанат поради прекинот на електрична енергија која е неопходна за работа на пумпите во топланите и на пумпите во зградите. Пумпите автоматски се вклучуваат при обновен доток на електрична енергија и е потребно извесно време за нивно подигање, со што се очекува во текот на вечерта греењето да се врати во нормала. Во зградите коишто се постари и со постар тип на топлотни пумпи, вклучувањето ќе се изврши рачно од страна на стручни лица, наведуваат од АД ЕСМ.