Колумната е објавена во Фокус бр 1040 од 11 септември 2015
Чудно е совпаѓањето на некои народни мудрости, изреки или песни, со некои изнимни настани. Можеби токму тоа, навремено совпаѓање со современи случувања, ги прави тие истите да бидат безвременски. Така некако е и со толку совпадливата народна песна за објавувањето на имињата на обвинетите за мито и корупција од едно сведоштво од предметот за Телеком при Њујоршкиот суд.
Секако дека јас како „јабанџија“ го знаев само насловот на песната „Абер дојде Донке“, кој прв ми текна кога го читав сведоштвото на Богоевски. Но, потоа кога го најдов целиот текст, бев фрапиран колку и во самиот текст има безвременско совпаѓање. Од Кулата Њујорк до американскиот Ага, преку збирање аргати и невести, па сѐ до макотрпното жнеење краток јачмен во Идризово или Гвантанамо. Но, да oдам редум, стих по стих, да се потрудам да го пренесам ова фрапирање.
АБЕР ДОЈДЕ ДОНКЕ ОД КУЛАТА, ОД КУЛАТА ДОНКЕ ОД АГАТА
Прва работа во ова сведоштво е околу изворот на информацијата. Кулата и Агата во овој случај се САД. Таа иста Америка, која многу години служеше како извор на „политичко“ легитимирање на врхушката на ДУИ и во последните години, сѐ почесто, беше злоупотребувана како „политички“ азил при урнисување на внатрешната легитимност, од страна на истата таа врхушка. Тоа неколкуте печати, службени броеви и називи оневозможуваат какво било вадење со дискредитирање на изворот на информацијата.
Значи, ова не е некој тенденциозен медиум, ваков-таков портал, овдешно судство на кое не му верува, кога не сака, ни ДУИ со сопствен министер за правда. Како што се трудеа во минатото, неколкупати, да се „перат“ некои од ДУИ. Дури во овој случај им се оневозможува да плукаат и по „аберџијата“, Богоевски, оти тој во еден дел во сведочењето вели дека го знае Ахмети од 1981 година, и на друго место дека му е пријател?! Со оглед на функцијата и на историјата, и на Ахмети и на Богоевски, секакво оправдување според стратегијата да се урниса тој што ја носи веста, а не самата вест и дело, додатно ќе ја отежнува и веста и делото. Во дел на албанската јавност со самото дело испаѓа само лопов, а со такво оправдување: и лопов, и предавник.
ДА ГИ ЗБЕРИШ ДОНКЕ АРГАТИТЕ, АРГАТИТЕ ДОНКЕ НЕВЕСТИТЕ
Ако за разбирање на функционирањето на ДУИ според песната, гласачите ги означиме како аргати, а членовите на ДУИ како невести, тогаш ова дело од многу причини е предавство и измама токму кон нив. Прво, зошто се работи за земање мито за да не се направи нешто кое би го забрзал приемот на Македонија во ЕУ. Со спречување и задоцнување на донесување на закони со кои би се либерализирал пазарот во мобилната телекомуникација. Спротивно од сиот настап пред гласачите, дека евроинтегративниот процес за државата е фундаменталната заложба на ДУИ. Сега, на тие зборовите кои можеби по милионити пат се кажани од нивна страна, гласачите имаат неколку милиони пати право да не веруваат.
Другото е измама кон сопствените „невести“, сопартијците, кои отсега ќе знаат дека имало и трета тура од милион и двесте илјади евра (50.000 земал посредникот при секоја тура), која очигледно завршила во еден или во два лични џеба. И тоа се случувало токму во Тетово и во ДУИ, каде што секогаш врие од фракции, поделби и пепелници.
ЌЕ ЖНЕЕМЕ ДОНКЕ КУСИ ЈАЧМЕН, КУСИ ЈАЧМЕН ДОНКЕ ДО КОЛЕНА
Иако по гореспомнатите Идризово или Гвантанамо дестинации не треба посебно да се елаборира совпадноста на овој стих, сепак да наведеме дека единствена можност за ублажување на последиците од овој абер за двоецот во ДУИ ќе биде заканата и присилата што повеќе луѓе да станат соучесници во злосторството или да истраат заради некое друго ситно подмитување. А таквите секој ден ги има сѐ помалку оти гледаат дека, сепак, се работи за Агата и Кулата Америка. А и поради тоа што покрај ваквите милиони, нивните ситни подмитувања изгледаат безначајни и се нешто што се прележува со обичен статус на „заштитен сведок“.
ОНИ ЌЕ ЈАДАТ ДОНКЕ ЛУК И ВОДА, ТИ ЌЕ ЈАДЕШ ДОНКЕ РУДО ЈАГНЕ
Овој стих на крајот на песната повеќе е за означување на крајот на една ера во која Ахмети и само неколку негови јаделе рудо јагне, а другите лук и вода. Освен совпаѓањето со фактот дека и бачилото за јагниња во Зајас нема решено елементарни проблеми, како што е недостиг од пат или вода. Истите тие елементарни проблеми какви што ги имаат голем број граѓани на Македонија кои немаат пристапен пат или вода за пиење како што ги имаат овците во дотичното бачило.
Има и друго совпаѓање, кое се гледа според поделбата на „пленот“ каде што надалеку е остварен процентот од Охридскиот рамковен договор, кој, за чудо, и по толку години никако и никаде не можат да го достигнат граѓаните. Имено, пет од седум и пол милиони евра е многу поголем постоток од една рамковна четвртина. Ќе треба одговор и за тоа да се најде – како истиот процент може да се оствари, дури и повеќекратно да се надмине, кога се работи за себе или за партија, а не може да се достигне кога се работи за граѓаните или за Македонија?!