Потпретседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, денеска откри дека црногорската тајна служба незаконски следела опозициски политичари, новинари и други лица од јавниот живот. Притоа, тој како налогодавач го прозва Дејан Перуничиќ, поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност.
Абазовиќ, кој е задолжен за безбедносниот сектор, на вонредна прес-конференција истакна дека информациите што ги прибирала тајната служба завршувале на порталот удар.ме што бил основан во пресрет на ланските парламентарни избори, а последната вест е објавена на 30 август на ден пред изборите.
– Сведоци сте дека новиот директор на АНБ, Дејан Вукшиќ, поднесе казнени пријави пред неколку денови за злоупотреби во АНБ, а кои се во директна врска со незаконско следење на политичари, на новинари и други лица, што е спротивно на правилата на службата – истакна Абазовиќ кој додаде дека тајните податоци што ги поседува АНБ не се само податоци на Црна Гора, туку и на НАТО.
Перуничиќ, пак, одби да ги коментира обвинувањата што ги изнесе владиниот потпретседател, нагласувајќи дека ги познава законите и „знае што значи тајност на податоци“.