Абази се сретна со албанскиот амбасадор Река

by fokus

Новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, денеска се сретна со
Фатос Река, амбасадор на Република Албанија во земјава.

Амбасадорот му го честиташе изборот на обвинителот Абази и му посака успешно раководење со обвинителството. На средбата беше истакната заложбата за продлабочување на соработката во областа на борба против тероризмот, корупцијата, економскиот и компјутерскиот криминал, како и меѓународниот организиран криминал, информираат од Обвинителството.

-Абази на амбасадорот му ги презентираше условите за работа и предизвиците со кои се соочува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и ја истакна потребата за понатамошно унапредување на институционалната соработка меѓу двете земји, велат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека амбасадорот изразил задоволство за досегашната соработка помеѓу органите на прогонот и се заблагодарил за несебичната размена на доказите што биле од исклучително значење за албанското обвинителство во предметот „Икона“.

-За потсетување, се работи за акција што албанската полиција ја реализира на почетокот на октомври 2013 година кога беа запленети 1.077 икони, артефакти, бронзени и други предмети, што потекнуваат од средниот век. Меѓу запленетите икони беше утврдено дека 21 икона потекнуваат од македонските цркви и манастири. Доказите за извршените кражби на македонските културни добра, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со поддршка на Германската канцеларија за меѓународна помош ги достави до албанското обвинителство.

По завршената тамошна постапка и деветгодишни административни преговори, минатата недела владите на двете земји се договорија по ратификација на Договорот иконите да бидат вратени во РСМ, велат од Обвинителството.

Поврзани новости