Зад мене е периодот кога умот ми кажуваше да одам напред, а телото викаше дека е уморно и не може!

by fokus

Популарниот фолк пејач Јордан Митев, кој со години наназад важи за еден од најбараните во дијаспората, по сите здравствени предизвици повторно и се врати на сцената. Периодов имаше гостувања во Австрија и Германија, а веќе го договорил и настапот за дочекот на новата година.

За ,,Фокус” раскажува дека ќе пее во угостителски локал во неговиот Радовиш, а го очекувале и голем број на снимања.

На прашањето како живее денес, откако ја извојува битката за своето здравје, вели дека му се враќа енергијата и се радува што на публиката ќе може да и подари уште многу музика.

-Многу ни се загадени социјалните мрежи, за жал, во поголем процент мислам дека доминира некоја негативна мисла. Да бидам искрен веќе не знам за некои работи како да се однесувам, како да постапувам, дали да се пофалам, дали да не се пофалам, дали да кажам каде сум, дали да не кажам… бидејќи имам некое чувство како човек што и да каже ќе биде или негативно сфатен, или омаловажен и така натаму…

Сепак морам да ги разочарам моите хејтери, и да кажам дека сум добар, фала му на Бога. Полека ми се враќа таа една енергија која ја носам со себе, а истата повеќе од две години ми беше на некој начин ослабната, потисната поради мои лични проблеми. Има моменти во животот кога умот ви вели треба да одиш напред, а телото и организамот ви вели не можам, изморен сум од се – вели Митев.

Појаснува дека е задоволен од тоа како му поминала годината, на професионално поле имал доста ангажмани и планови за нови проекти, а пак приватно, вели дека иако засега нема принова во неговиот дом, како се надева на таква радост и во неговата куќа за скоро време.

-Очекувам за брзо време да и подарам на мојата публика нешто ново и да влезам во студио. Инаку годината беше добра, завршив многу работи за кои не сакам да се фалам, ќе ги задржам за себе, бидејќи обично тие што се фалат, најверојатно тоа и е единствениот начин за да си ја пополнат празнината.

Настапите си течат, полека доаѓа Нова Година и како што знаете за 31-ви декември ќе бидам во мојот роден крај Радовиш. Редно е еднаш да бидам и на домашен терен. Леона Лукс е еден одличен угостителски објект со голем капацитет и верувам дека ќе биде се како што треба.

Следуваат новогодишни снимања и предновогодишни прослави, важно да сме здрави и живи и народот, публиката, населението да биде во добро расположение за да има причина за славење, ни изјави музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости