Најновиот скандал со над 200 издадени македонски пасоши со туѓ идентитет на лица со криминално досие ја загрозува визната либерализација за граѓаните на Република Северна Македонија, оценува Арбен Фетаи од Алијансата за Албанците. Според него, скандалот ја потенцира и потребата за суштински реформи во рамките на Министерството за внатрешни работи и другите државни служби за безбедност.
-Зборуваме за криминалци, нарко дилери на високо ниво, кои ги бара Интерпол, на кои им е овозможено преку овие лажни пасоши да ја вршат својата меѓународна криминална активност, слободно да се движат со лажни идентитети преку границата. Како прво, на меѓународно ниво, мора да имаме предвид дека Северна Македонија е дел од групата балкански земји кои уживаат во визната либерализација, а овој скандал е директен удар врз Шенген системот – рече Фетаи на АлсатМ.