Рашковски се спаси од аферата „Леонардо“, ќе се лизне ли на тендерот за софтверот?!

by fokus

Пишува: Валентина ВУРМО

Кога Драги Рашковски во 2017 година беше избран за генерален секретар на Владата, и покрај бурните реакции, со своите 33-години,  беше претставен како човек од професорската фела и иноватор. Функцијата му заврши откако самиот поднесе оставка, но премиерот Зоран Заев не се откажа од својот сограѓанин и човек од доверба, па го назначи за секретар задолжен за мониторинг на реализацијата на владината програма и стратегиските проекти.

Рашковски од самиот почеток на политичката кариера го следат бројни скандали, кои отворија сомнежи за злоупотреба на моќ, но засега тој успеа да излезе како победник од две афери, кои се врзуваа со неговото име. Сега е исправен пред нова афера, за набавка на софтвер, но, како и претходно, и сега повторно зад него застана премиерот Заев. Во улога на адвокат, Заев, истакна дека случајот е чист како солза.

ОТФРЛЕНА КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ЗА „ЛЕОНАРДО“

Летото 2019 година, опозицијата го обвини Рашковски дека е вмешан во тендерска афера за набавка на радарски систем за летање за потребите на Македонска навигација (М-НАВ), откако беше објавен аудиоразговор со транскрипт во јавноста.

Опозицијата го обвини дека интервенирал во јавна набавка за која нема ингеренции, по што од ВМРО-ДПМНЕ до обвинителството поднесоа кривична пријава, а, како што велеа, и докази за негова наводна вмешаност во местење тендер за опрема за „Македонска навигација“ (М-НАВ) тој да го добие италијанската компанија „Леонардо“. Аферата тежеше 7 милиони евра.

Но, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не утврдиле ништо спорно.

Постапувајќи по предметот во врска со правното лице М-НАВ, надлежен јавен обвинител  утврди дека правното лице М – НАВ АД Скопје склучило Договор за заем без државна гаранција со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а не постапка за јавна набавка за набавување на АТМ систем. Проектот е во тек и не се изминати предвидените рокови за реализација, велат од Обвинителството за „Фокус“.

Оттаму додаваат дека секоја фаза предвидена во Договорот за заем се реализира согласно политиките и правилата за набавка на ЕБОР, односно се анализира и претходно одобрува од страна на ЕБОР.

Враќањето на средствата го врши правното лице М-НАВ АД Скопје, од сопствената сметка, иако станува збор за акционерско друштво во државна сопственост, согласно Законот за трговски друштва, акционерските друштва во правниот промет настапуваат со сметка на самото друштво, поради што во никој случај не може да стане збор за штета на Буџетот на Р.С.Македонија, појаснуваат од обвинителството.

Поради тоа, надлежниот обвинител утврдил дека нема место за јавнообвинителско постапување и со решение ја отфрлил пријавата.​

 АНТИКОРУПЦИСКА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ПРЕДМЕТОТ

Иако за обвинителството овој случај е затворен, сепак, тоа не важи и за Антикорупциската комисија. Таму сѐ уште се истражува овој предмет.

Според претседателката на ДКСК, предметот за Рашковски поврзан со набавката M-НАВ сѐ уште е отворен и e oбработен вo голем дел, односно 90 отсто е завршен.

Недовршените работи што ни останаа поради променетиот начин на работа во време на здравствена криза, во најскоро време ќе се завршат, пo што резултатите ќе ги соопштиме во јавноста“, вели претседателката Билјана Ивановска.

Засега, е неизвесно дали Антикорупциска ќе одлучи исто како и Обвинителството, или пак, можеби ќе му утврди вина на Рашковски.

Како што дознаваме неофицијално, овој предмет во Антикорупциска се истражува темелно, односно уште од самиот почеток од 2013 година, или се гледа целосната слика.

Во целиот овој случај е интересно тоа што целокупната постапка во врска со овој тендер била завршена од претходната влада, онаа на Никола Груевски. Изборот на италијанската компанија „Леонардо“ бил завршен, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) која го финансира овој проект дала согласност, сите документи биле потпишани и градбата и инсталирањето на опремата требаше да почне уште во 2017 година.

Потоа, пак ,во времето на Рашковски, повторно е склучен идентичен договор. Она што им боде во очи на антикорупционерите е зошто се чекало, а за тој период се плаќало камати, поради што, сепак, постои сомнеж дека државниот буџет бил оштетен.

Од Антикорупциска коментираат дека треба да се почека уште малку за да го завршат предметот, по што ќе се координираат со Обвинителството.

Рашковски и во 2017 година се спаси од кривичен прогон, по пријава од Христијан Мицкоски.

И тогаш обвинителството одлучи дека Рашковски нема вина за разрешување поранешни државни функционери. Тој тогаш му се закани на Мицкоски дека лажното пријавување е казниво дело.

Согласно Казнениот закон, оној кој лажно ќе пријави друг дека извршил кривично дело, ќе се казни со казна затвор од минимум 6 месеци“, поентираше Рашковски.

ЌЕ СЕ ОДБРАНИ ЛИ РАШКОВСКИ И ЗА НАБАВКАТА НА СОФТВЕРОТ?

Од неодамна, Рашковски е исправен пред нова афера, односно дека купил софтвер за сообраќајни прекршоци што не го користи ниту една институција. Сторијата  ја објави „360 степени“, односно дека Рашковски како генерален секретар набавил софтвер за сообраќајни прекршоци во вредност од 81.000 евра, за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму, пак, велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба.

Потоа медиумот објави и дека Рашковски е автор на таков сличен софтвер, односно на „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни” уште од 2017 година. Случајно или не, софтверот кој го набавил Рашковски во 2020 година како генерален секретар на Владата, а осум месеци не се употребува од ниедна институција, има речиси исто име: „Софтвер за определување просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни“. За оваа набавка Владата ѝ платила околу 81.000 евра на фирмата „Инвока гроуп“.

И овој случај е под лупа во Обвинителството и се наоѓа во фаза на предистрага.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција презема дејствија во фаза на предистрага во предметот отворен по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“, велат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека издале повеќе наредби за прибирање на потребната документација.

Се преземаат во континуитет дејствија за утврдување на евентуална кривична одговорност, но со оглед на фазата во која се наоѓа постапката, не сме во можност да споделиме повеќе детали со јавноста, појаснуваат од Обвинителството.

Паралелна истрага за овој случај води и Државната комисија за спречување на корупцијата, каде што случајот исто така е во почетна фаза. Од Комисијата велат дека се доставени барања за добивање информации и документи до МВР, Централен регистер, Генералниот секретаријат на Владата, Државниот завод за индустриска сопственост, а доколку се јави потреба ќе се побараат и од други институции.

ЗАЕВ ВО ОДБРАНА НА РАШКОВСКИ

Она што, засега, не му оди во прилог на Рашковски се изјавите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој тврди дека МВР нема барање за набавка на софтверот, не било информирано, ниту пак, софтверот e преземан.

Тој вели дека во рамките на МВР работна група правела анализи и се утврдило дека со софтвер за сообраќајни прекршоци ќе се елиминира човечкиот фактор и затоа сега сакаат надградба на системот „Безбеден град“ или нов систем за да се користи за таа намена.

Министерот вели дека со информација треба да се обратат до Влада и потоа да се спроведе јавна набавка, со што под прашалник се става употребата на софтверот кој го набавил Рашковски.

Ако Генералниот секретаријат проценил дека имале потреба од таква набавка на таков софтвер, тоа е нешто за што ќе мора да кажат кои се аргументациите. Меѓутоа, МВР прави анализа и подготвува набавка на цел систем којшто ќе значи контрола на сообраќајот, изјави Спасовски.

Но за разлика од Спасовски, премиерот Заев веднаш застана во одбрана на Рашковски, истакнувајќи дека  не треба да биде обвинуван секој што патентирал систем и го отстапил бесплатно на користење на својата земја. Премиерот изјави дека очекува надлежните да го проверат случајот, но нагласи дека лично ја проверил постапката.

Очекувам било која од надлежните институции да направи проверка, како ДКСК, соодветното обвинителство, прочитав дека едно од јавните обвинителства упатува до МВР да направи истрага, слободно нека направат истрага, затоа што лично јас проверив, постапката е целосно законито направена и набавен е софтвер по пат на конкуренција, каде од 8 милиони предвидени во буџетот се потрошени 5 милиони денари за набавка на таков софтвер кој има мултифункционална примена и стои на располагање, рече Заев.

Тој изјави и дека има докази дека имало комуникација меѓу Генералниот секретаријат и МВР, токму поради постапките и можноста за имплементација и тестирање на самиот систем.

На барање на „Фокус“, премиерот да појасни меѓу кого се одвивала комуникацијата, ни беше испратен документ кој Рашковски на 18 септември, или два месеца по набавката, го испратил до директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.

Генералниот секретаријат  на Владата како носител на проектот –Контрола на просечна брзина на возилата во сообраќајот, со овој писмен допис ве известува дека за потребите на проектот во периодот од 24 септември до 1 октомври ќе се врши тестирање на системот за мерење на просечната брзина со која се движат автомобили во сообраќајот“, пишува во дописот на Рашковски испратен до Тасевски.

Но, на нашата забелешка дека во случајот се проблематизира тоа што воопшто немало иницијатива од МВР за ваква набавка, премиерот вели дека таквата иницијатива не е потребна.

Не мора да има иницијатива за ваква набавка. Владата може да прави сопствени анализи по сите области од своја надлежност, ни одговори премиерот Заев.

РАШКОВСКИ: НЕ СУМ ПАТЕНТИРАЛ СОФТВЕР ТУКУ ИДЕЈА

За целиот случај побаравме став и од најзасегнатиот, Рашковски, но тој не одговори на нашите прашања. Тој претходно на Фејсбук демантираше дека патентирал софтвер за следење сообраќајни прекршоци, кој потоа Генералниот секретаријат на Владата го купил како јавна набавка за потребите на МВР. Појаснуваше дека патентирал само идеја, исто како што имал, како што вели тој, идеја за попис и за поврат на ДДВ.

Не сум патентирал никаков софтвер. Во С. Македонија не е можно да патентираш софтвер, туку само идеја – постапка. Категорично демантирам и отфрлам каква било поврзаност или корелација меѓу моите патентирани идеи со набавките кои Генералниот секретаријат на Владата ги има реализирано во времето кога јас бев генерален секретар, напиша тој.

Рашковски вели дека за да биде уште појасна огромната разлика меѓу идеја и софтвер (производ), ја информира јавноста дека уште во 2013 година има патентирано идеја и за гласање со отпечаток од прст.

И ја користам оваа прилика од напред да отфрлам каква било поврзаност на мојата патентирана идеја со било каков евентуален софтвер кој државата евентуално би го набавила после евентуален политички договор за употреба на таков софтвер за изборни процеси.Имам патентирани идеи и за попис од 2013 година, за поврат на ДДВ од 2016 година. Не е во ред да бидам напаѓан затоа што сум имал идеи и истите сум ги патентирал, а денес се достапни како јавни добра и за нашата земја и за светот, реагираше Рашковски.

Засега, не е спорно дека ваквиот софтвер ќе биде од голема корист, бидејќи на тој начин ќе се исклучи човечкиот фактор, односно сообраќајците нема да мораат на улиците да вршат сообраќајна контрола, при што се случија и неколку трагедии, кога сообраќајци беа прегазени.  Ретко и во која земја се уште полицијата стопира автомобили на автопат.

Но, без разлика на потребата, при секоја јавна набавка е неопходно да се испочитуваат сите законски процедури. Токму тоа треба да го откријат Обвинителството и Антикорупциска. Дали Рашковски ја прекршил законската процедура или не?!

 

Поврзани новости