Да се идентификуваат и казнат комитите кои претепаа двајца Албанци, бара ДУИ

by vlatko 20:17
20:17

Демократската унија за интеграција го осуди физичкиот напад врз двајца работници Албанци на „Комунална хигиена“ во Скопје, кои, според партијата, ноќта на 28 ноември биле брутално претепани од група лица кои самите се идентификувале како „комити“.

Од ДУИ наведуваат дека фактот што напаѓачите, според информациите, најпрво ги прашале работниците дали се Албанци, а потоа ги нападнале додека биле облечени во работните униформи, отвора сериозни сомнежи за етнички мотивиран напад.

Партијата оценува дека ваквото насилство е неприфатливо во мултиетничка држава, во која безбедноста и еднаквоста треба да важат за сите граѓани, без разлика на етничката припадност.

ДУИ бара од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и од министерот Панче Тошковски да обезбедат институционална одговорност, целосна истрага, идентификување на сите напаѓачи и нивно санкционирање.

Од партијата бараат целосно идентификување на сите лица кои учествувале во нападот, професионална истрага за мотивите, вклучително и сомнежите за етничка мотивираност, покренување соодветни постапки и казнување на одговорните.

Дополнително, ДУИ бара јавно појаснување за мерките што ги презело и што ги презема Министерството за внатрешни работи за гарантирање на безбедноста на граѓаните.

Слични вести