Четворица ирански државјани, од кои тројца имале дипломатски статус, се протерани од Босна и Херцеговина поради сомневање за шпионажа.
Ова го потврди министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, откако за тоа претходно известија локалните медиуми.
Веб-порталот Istraga.ba објави дека Иранците ја напуштиле БиХ на 25 ноември, откако Конаковиќ потпишал налог за протерување врз основа на информации собрани од Разузнавачко-безбедносната агенција (ОСА).
-Ова е безбедносно прашање. Ние презедовме дејствија преку проследување на барањето… Ова е работа за безбедносните служби. Нека коментираат тие, доколку сакаат – изјави Конаковиќ за порталот Raport.
Според медиумските извештаи, меѓу протераните се Хосеин Махдијан Фард, трет советник во иранската амбасада во Сараево, како и двајца аташеа, Мортеза Фазали и Ехсан Саџади Моназах.
Меѓу протераните е и Сејед Јасер Сејед Мохамад. Неговиот статус за време на престојот во БиХ засега останува непознат.
Безбедносните служби го идентификуваа Фард како припадник на иранското Министерство за разузнавање и безбедност (MOIS) – иранската тајна полиција, позната и како „Вевак“.
Се проценува дека оваа служба вработува околу 30.000 луѓе и делува под директна надлежност на иранскиот врховен лидер.
Таа е предмет на меѓународни санкции поради кршење на човековите права, незаконски разузнавачки активности и тајни операции.