Владата воспоставува системски пристап за економско и станбено осамостојување на младите преку конкретни финансиски мерки и нови законски решенија, истакна Борис Шамбевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Шамбевски рече дека првата мерка предвидува купување стан по цена најмалку 20 отсто пониска од пазарната, при што градежните компании ќе имаат обврска да издвојат најмалку 10 отсто од станбената површина за оваа категорија граѓани, а втората мерка предвидува целосно ослободување од плаќање комуналии кон општината за младите парови до 35 години кои градат сопствен дом.
За поттикнување на вработувањето, тој рече дека овогодишниот Оперативен план располага со буџет од 40 милиони евра и опфаќа над 10 000 лица, при што 32 милиони евра се наменети за директни мерки со кои се опфатени 6.000 млади лица до 29 години.
Според него, во сферата на образованието се воведува нов модел со вкупно 3.000 студентски стипендии.
-За да се подобри студентскиот стандард и овозможување полесен пристап до услуги, се подготвува и ново законско решение за воведување студентска картичка. Со оваа картичка, студентите ќе можат да остваруваат 20 отсто попуст за услугите достапни преку апликацијата М-услуги, во текот на целата година – рече тој.