Мрежата за заштита од дискриминација во рамки на својата иницијатива „Ѕид на срамот“ упати јавни прашања до претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски, барајќи одговори и политичка одговорност за состојбите со родовата еднаквост и заштитата на жените од насилство.
Од Мрежата за заштита од дискриминација наведуваат дека европската интеграција не смее да остане само декларативна заложба, туку подразбира унапредување на родовата еднаквост, заштита на човековите права и ефикасно справување со родово базираното насилство.
Притоа, тие се повикуваат на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој антиродовите наративи се посочени како една од причините за системските пропусти во оваа област.
Во обраќањето до Милошоски, од иницијативата прашуваат како заложбите за европска интеграција се усогласуваат со давањето политичка тежина на актери чии наративи Европската комисија ги препознава како проблем.
Дополнително, тие бараат тој јавно да го соопшти својот став за предложените законски измени за заштита на жените од насилство и да појасни какви чекори ќе преземе за нивно усвојување.
„Милошоски, ги препознавате ли во извештајот наративите на оние што јавно ве пофалија? Зошто продолжувате да ги поддржувате истите екстремистички религиозни групи?“, велат од таму.
Европските вредности се докажуваат преку политички одлуки и конкретни постапки, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминција, инсистирајќи на јавни одговори и политичка одговорност.
„Одговорете им јавно на семејствата на убиените жени. Седум фемициди во 2026, а измените за заштита од насилство поднесени на 26 август, се уште чекаат.
Милошоски, јавно ве прашуваме дали предлог измените на законот за заштита и спречување од насилство, подготвени од Министерство за социјална политика, демографија и млади, министерство за внатрешни работи и експертите, за вас е премногу ‘прогресивен’ и вие лично го блокирaтe?“, прашуваат од МЗД.
Покрај Милошоски, на „ѕидот на сранот“ на невладината веќе се најдоа претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска.