Иранските сили ја користеле сателитската интернет-мрежа „Старлинк“ на компанијата „Спејс екс“ за комуникација и координација при напади врз американските сили на Блискиот Исток, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на четири извори запознаени со операциите.
Според нив, иранската војска почнала да ја користи мрежата како алтернативна врска откако САД и Израел ги засилиле нападите врз иранската комуникациска инфраструктура.
Еден од изворите изјавил дека Централната команда на американската војска летово му доставила доверлив извештај на министерот за одбрана Пит Хегсет.
Според изворот, во документот било наведено дека Иран го користел „Старлинк“ и за координација на напади со беспилотни летала.
Портпаролката на Пентагон, Кингсли Вилсон, изјавила дека Министерството за одбрана нема сознанија за постоење на таков извештај.
Според весникот, Илон Маск дознал за неовластеното користење на мрежата од страна на Иран на почетокот на март.
Компанијата во меѓувреме вовела построги проверки при продажбата на терминалите.
Целосното исклучување на „Старлинк“ во Иран би ги погодило и граѓаните кои преку сателитската мрежа пристапуваат до интернет кога другите врски се во прекин.