Само еден од 19-те опозициски амандмани на предлог-буџетот за 2027 година беше прифатен на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Станува збор за амандман поднесен од „Европски фронт“, со кој се предвидуваат 1.720.000 денари за поддршка на младите.
Одбиените амандмани се однесуваа на реализација на инфраструктурни проекти, инвестиции во земјоделството и системите за наводнување, изградба и реконструкција на градинки, младински центри, како и финансиска поддршка на организации и здруженија.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски објасни дека прифатениот амандман претрпел измена во делот на изворот за обезбедување на финансиските средства.
За предлог-буџетот за 2027 година досега се поднесени вкупно 400 амандмани од овластени предлагачи.
Амандманската расправа ќе продолжи утре во 11 часот.