Ќе се заловуваат говедата во Крива Паланка – некои од нив ќе завршат во затворите во Скопје и Прилеп

by irena 16:14
16:14

Почна реализација на Акцискиот план за заловување, собирање и одземање на говедата во Општина Крива Паланка, кои се опфатени со правосилни решенија.

На денешниот состанок на Координативниот штаб во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се утврдени конкретните активности.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Борче Серафимовски, истакна дека воспоставената институционална координација треба да овозможи системско решавање на долгогодишниот проблем со добитокот во Крива Паланка.

– Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски – посочил Серафимовски.

Како следен чекор е предвидено мапирање на локациите на кои се наоѓа добитокот. Ќе се утврдуваат бројноста на животните, нивната распространетост и пристапноста на теренот, по што ќе се организираат следните активности за нивно заловување и транспорт.

Од Министерството информираат дека во почетната фаза одземениот добиток треба да биде примопредаден на Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп.

Слични вести