Претседателот на Народното собрание на Србија, Александар Чупиќ, денеска ги распиша претседателските избори во Србија кои ќе се одржат на 27 декември годинава. Српските медиуми пренесуваат дека кандидат на „Студентската листа“ ќе биде Радомир Саичиќ, редовен член на Српската академија на науките и уметностите и професор на Хемискиот факултет во Белград.
За потсетување, „Студентската листа“ сè уште нема објавено кандидат за таа функција, па се очекува таа информација официјално да биде соопштена утре, на 27 ноември.
„Гласовите сè уште не се формално преброени, но Саичиќ ја доби поддршката од пленумот и пратениците, па утре тој официјално ќе биде прогласен за кандидат за претседател од страна на ’Студентската листа‘“, дознава „Недељник“.
Саичиќ беше една од клучните личности и кандидат за пратеник на политичката организација „Студентска листа – Студентите победуваат“ на вонредните парламентарни избори одржани на 25 октомври. Токму тој, таа вечер од изборниот штаб, ја прогласи победата на оваа листа, нагласувајќи дека граѓаните покажале оти „ниту една пречка не е поголема од нивната волја“.
Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, поднесе оставка на 27 септември. Функцијата вршител на должноста претседател на Републиката ја презеде тогашната претседателка на Народното собрание, Ана Брнабиќ, а од 19 ноември таа улога ја извршува Александар Чупиќ, кој беше избран за претседател на Собранието во новиот состав.
Вучиќ неодамна изјави дека е против учеството на СНС (Српската напредна странка) на претседателските избори и дека е „поблиску до одлуката да не им даде (на ’Студентската листа‘) таков вид легитимитет“. Затоа, останува нејасно каков е ставот на партијата сега, откако изборите се веќе распишани.
Последните редовни претседателски избори во Србија се одржаа на 3 април 2022 година.