Николоски: Со „Дојче Телеком“ разговаравме за нови инвестиции и дата центар во Македонија

by irena 19:08
19:08

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека неодамнешната владина посета на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија имала значајна политичка и економска димензија, со фокус на привлекување нови странски инвестиции и продлабочување на економската соработка.

Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Кире Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ, Николоски рече дека делегацијата остварила средба со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, со кого биле разменети мислења за актуелните европски предизвици и можностите за соработка.

– Остваривме средба со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, којшто е во моментов, според сите истражувања на јавното мислење во Сојузна Република Германија, најпопуларен политичар којшто државата го има. Инаку е член на владејачката Христијандемократска унија ЦДУ, наша сестринска партија од Европската народна партија и беше интересно да размениме мислења околу актуелните случувања во Европа, она што секако е предизвик за Европа и она што се наши предизвици – рече Николоски.

Вицепремиерот посочи дека покраината е еден од најразвиените економски региони во Европа, со околу 18 милиони жители и бруто-домашен производ од околу 900 милијарди евра.

Во рамки на економскиот дел од посетата, делегацијата имала средба со раководството на „Дојче Телеком“, а како што рече Николоски, биле разгледани можностите за проширување на соработката и за нови инвестиции во земјава.

– Разговаравме и за потенцијални нови инвестиции што „Дојче Телеком“, преку „Македонски Телеком“, би можел да ги реализира во Македонија. Тие веќе развиваат проект за сопствен дата центар, а беше отворена дискусија и за поширок опсег на инвестиции – изјави Николоски.

Според него, особено значајни за државата се инвестициите во истражувачко-развојни центри (R&D), кои би овозможиле ангажман на млади научници и развој на нови технологии.

– Разговаравме покрај за соработката којашто можеме да ја имаме билатерално и за новите трендови и случувања и во бизнисот и во технологијата. Беа претставени нивните визии буквално за 22 век, односно како очекуваат да изгледа животот во 22 век, од тоа како би изгледал еден просечен дом до тоа како би изгледало здравството и како и на кој начин би се движеле луѓето. Навистина импресивно, морам да признаам, тоа е сектор којшто можеби најмногу ни треба во државата, да развиваме истражувачко-развојни центри или R&D центри каде што ќе може практично младите научници да работат и да се обликува иднината – изјави Николоски.

За време на посетата бил организиран и бизнис-форум со учество на компании кои веќе работат во земјава, како и на компании што размислуваат за инвестирање во наредниот период. Делегацијата ја посетила и компанијата „Гересхајмер“, која веќе има инвестиција во Македонија.

Николоски оцени дека посетата донела значајни економски придобивки и отворила перспективи за нови инвестиции во наредниот период.

Тој исто така информираше дека во рамки на посетата биле реализирани и средби со претставници на македонската дијаспора од повеќе европски земји, како и учество на меѓународна конференција посветена на безбедносните предизвици во Европа.

– Секако круна на посетата беше конференцијата којашто беше организирана, каде што присуствуваа неколку претседатели на европски држави, потоа министри од различни влади, каде што генерално се разговараше за безбедносната архитектура и безбедносните предизвици со коишто се соочува Европа во моментов. Секако тука на прво место е војната во Украина, но и сите оние други безбедносни предизвици со коишто во моментов се соочува Европа, а преку тоа и светот – рече Николоски.

Слични вести