Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека Европа, вклучително и Македонија, ја очекува тешка зима поради глобалните предизвици и актуелната безбедносна состојба во светот. Сепак, тој уверува дека Владата работи на мерки со кои граѓаните полесно ќе го поминат претстојниот период.
Изјавата ја даде од Берлин, по состанокот на Коалицијата на волните, организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц, на кој присуствуваше заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Ова ќе биде тешка зима насекаде во Европа, тешка зима и за Македонија. Но, она што е важно е дека работиме на тоа граѓаните оваа зима да ја поминат како што ги поминуваат сите зими во нормални услови, без разлика на предизвиците во светот“, изјави Мицкоски во видеообраќање објавено на Фејсбук.
Тој оцени дека актуелните глобални случувања наликуваат на тивка Трета светска војна, но нагласи дека институциите настојуваат да создадат стратегија за ублажување на последиците врз животниот стандард.
„Иако, би рекол дека денес во светот се води тивка, Трета светска војна, сепак успеваме да најдеме начин, да креираме стратегија со којашто ќе го олесниме стандардот на македонските граѓани“, рече премиерот.
Според Мицкоски, на состанокот учествувале и американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои се вклучени во преговорите за Украина. Телефонски се приклучил и американскиот претседател Доналд Трамп, кој, како што информира премиерот, ги запознал учесниците со неговите разговори со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Ѓинпинг.
Мицкоски истакна дека е значајно што Македонија учествува во меѓународните разговори за глобалните предизвици и има можност да придонесе во барањето решенија.
На состанокот, македонската делегација ја потврдила поддршката за постигнување праведен и траен мир во Украина, преку дипломатски напори, дијалог и координација со меѓународните сојузници.