Глобалниот пад на Мајкрософт заврши, милиони корисници повторно имаат пристап до услугите

by irena 09:39
09:39

Мајкрософт соопшти дека целосно се обновени услугите на платформите Тимс, Аутлук, Копајлот и останатите деловни апликации, по глобалниот прекин кој повеќе од 24 часа создаваше проблеми во работата на компании и институции ширум светот.

Од технолошкиот гигант информираа дека нивните тимови ја завршиле работата на отстранување на причината за инцидентот и дека сите преостанати погодени корисници и региони повторно добиле пристап до услугите.

Проблемите најмногу ги погодија Аутлук, Мајкрософт Ексчејнџ Онлајн и други сервиси поврзани со електронската пошта. Во периодот на прекинот, корисниците имаа потешкотии со испраќање и примање пораки, пристап до алатката за вештачка интелигенција Копајлот, како и со одржување на состаноци преку платформата Тимс.

Нарушувања биле регистрирани и кај сервисите за споделување документи, управување со деловни податоци и заштита на електронската пошта, што предизвика сериозни проблеми за организации кои секојдневно се потпираат на дигиталната инфраструктура на Мајкрософт 365.

Последиците од падот на системите се почувствуваа во повеќе земји. Во САД, некои локални власти ги повикаа граѓаните комуникацијата да ја вршат телефонски, бидејќи нивните онлајн-сервиси беа недостапни.

Во Велика Британија беа забележани проблеми со издавање медицински рецепти, а дел од полициските управи побараа граѓаните пријавите за кривични дела и други инциденти да ги поднесуваат преку телефон наместо преку интернет.

Прекинот влијаеше и врз банкарскиот сектор во Хонг Конг, додека во Јапонија дел од државните службеници мораа привремено да користат хартиена документација поради недостапноста на дигиталните системи.

Платформите Тимс, Аутлук и Ексчејнџ Онлајн се дел од пакетот Мајкрософт 365, кој го користат милиони компании, здравствени установи, банки и владини институции како основна алатка за комуникација, обработка на податоци и секојдневно работење.

Слични вести