Итно отстранување на насилникот од домот на 48 часа – детали за новата радикална мерка во борбата против семејното насилство

by valentina 18:35
18:35

Итно отстранување на насилникот од семејниот дом на 48 часа, по проценка на полициски службеник. Ова е една од радикалните промени која ја најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а е предвидена во измени на законско решение, кое веќе неколку месеци е во собраниска процедура. Министерот на денешниот брифинг посочи дека доколку полицаецот процени дека постои сериозен ризик од насилство врз жртвата, со усна наредба ќе може да го отстрани потенцијалниот сторител од домот во времетраење од 48 часа, независно во чија сопственост е имотот.

Оваа новина е предвидена во предложените измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои, како што пишува во изготвениот материјал, се со цел за да обезбеди побрза и навремена реакција на надлежните институции за заштита на жртвите.
Реакцијата е предвидена при интервенција по пријава за насилство, проценка на ризикот и управување со ризикот, заради спречување на актуелно насилство и спречување насилството да се повтори.

-Согласно сознанијата од практичната примена на овој закон, се оцени потребата да се воведе брза интервенција на институциите кои постапуваат, мерките и активностите да ги преземаат така што ќе ја стават безбедноста на жртвата на прво место, ќе реагираат итно во ситуација на непосредна или сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство. Во однос на постапките за носење на одлуки за итни и привремени мерки за заштита на жртвите, треба да создадат услови за поефикасно постапување, со предвидување на куси рокови за постапување. На овој начин ќе се создадат основи насилството веднаш да престане, а на жртвата да и се обезбеди навремена помош, поддршка и заштита, пишува во образложението на предложените измени.

Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство ги предвидува следниве решенија:

1. Се предвидува полициските службеници да донесуваат усна наредба за изрекување на итни мерки за заштита, на самото место на интервенција.

2. Итни мерки кои ги издава полицискиот службеник на лицето кое е пријавено како сторител на насилство се: – привремено отстранување од домот каде што престојува жртвата, – забрана за приближување до жртвата или членовите на нејзиното семејство, и – забрана лицето да контактира со жртвата или членовите на нејзиното семејство.

3. Полициските службеници, во рок од шест часа изготвуваат писмена наредба за итна мерка на заштита и ја доставува до лицето пријавено дека врши насилство.

4. Министерството за внатрешни работи, ја доставува писмената наредба со предлог за продолжување на изречената итна мерка за заштита, задно со полицискиот извештај и проценката на ризик до надлежниот суд за продолжување на итната мерка.

5. Судот, во рок од 10 часа од приемот на писмената наредба и предлогот за продолжување на изречената итна мерка за заштита на Министерството за внатрешни работи, без да одржи рочиште одлучува со решение за продолжување или запирање на итната мерка. Кога полицискиот службеник нема да го затекне лицето кое е пријавено како сторител на насилство на местото на интервенција, Министерството за внатрешни работи во рок од шест часа од интервенцијата до надлежниот суд доставува предлог за изрекување итна мерка за заштита, заедно со полицискиот извештај и проценката на ризик. Итната мерка за заштита судот може да ја продолжи во траење до 30 дена сметано од издавањето на усната наредба, односно да изрече итна мерка за заштита во траење од 30 дена.

6. Кога полицискиот службеник нема да го затекне лицето кое е пријавено како сторител на насилство на местото на интервенција, Министерството за внатрешни работи во рок од шест часа од интервенцијата до надлежниот суд доставува предлог за изрекување итна мерка за заштита, заедно со полицискиот извештај и проценката на ризик. Итната мерка за заштита судот може да ја изрече во траење до 30 дена.
Во ова законско решение се предвидува и употреба на електронска алка, која би се користела со одлука на судот.

Оваа година има 7 фемициди. Во првите 10 месеци од 2026 година, има рекордни 1.897 пријавени случаи на семејно насилство, наспроти 1.125 во 2025 година.

Валентина Вурмо

Слични вести